За нас
КАМЕЛЕОН
Има многу бендови, но ретки се оние кои нивниот роден град, каде е и најтешко да се успее, ги примил како свои. Кога одите на нивна свирка, како да одите на гости кај добри пријатели. „Камелеон“ како бенд постои уште од далечната 1998 година. Првата песна која ја снимија е „Добро утро таго“, а прва песна која официјално беше објавена и изведена на програмата на МРТВ беше „Ша ла ла“. Веќе антологиската „Добро утро таго“ за прв пат го виде светлото на денот во септември 1998 година на познатиот фестивал „Макфест“.
Потоа следеше елегичната „Без неа“, изведена во 1999 година, на тогашниот „Скопски фестивал“, на кој го освои првото место од стручното жири и го сврте вниманието кон „охриѓаните кои многу ветуваат“. Следната, 2000 година следуваше „Трач“, за една година подоцна, во дует со Ѓоко Таневски да ја исполнат веќе незаборавната „Дај ми љубов“. Покрај со Танески, групата има уште еден дует за песната „Добро е“, која беше изведена на „Охрид фест“ заедно со Жармена. На „Охрид фест“ групата се претстави и со „Средба“ и „Еден без друг“, на „Макфест“ во 2001 година со „Копнеж“, а веќе следната, 2002 година со веќе антологиската „Не заборавај“, која ја доби наградата за најдобар текст. Дружбата со „Макфест“ продолжи и во 2005 година, тогаш со песната „Твојот сон“. Во 2004 година групата го издава албумот „Камелеон 1“ на кој на едно место ги ставија сите дотогашни хитови.
Албумот излезе како прилог на списанието „Бла Бла“ и стигна до огромен број слушатели ширум земјата. Во 2007 година се издадени „Небо мастило“ и „Сама запиваш“, кои си го најдоа своето место до публиката и слушателите. Под светлата на фестивалската сцена се враќаат во 2009 година, кога на „Макфест“ се претставија со песната „Белег“. Следува подолга пауза, за во 2017 година, како најава за 20-годишнината на бендот да ја издадат одличната „Еден ден“, песна толку препознатлива на нивниот опус.
Членови на бендот се Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски. Драган, Роберт и Тони се постојани членови во бендот од самиот почеток. Петар станува дел од групата во 2001 година, а Зоран сите овие години, или е активен член или е во друга врска со бендот, како што е снимање на песни и слично. Низ годините и бројни други музичари имале добра соработка со бендот или биле негови членови и со тоа оставиле свој печат. Меѓу нив секако се и клавијатуристот Коки (членува во групата од создавањето на бендот, па се до 2001 година) и тапанарот Игор Фармаковски, кој работи со „Камелеон“ во периодот од 2009 до 2010 година. За повеќето песни на бендот, текстот и музиката ги напиша гитаристот Роберт Милески.
Поголем дел од нашите песни се снимени и продуцирани во студиото на Zoran Krecho, поранешен долгогодишен член на Камелеон. Постпродукцијата и мастерингот на нашите проекти ” 20 години со вас” и “Езерска рок симфонија” се исто така изработено во ова студио.